Македонската берза и пазарот на капитал се важен дел од економското функционирање на нашата земја и улогата и функцијата што ги имаат за раст и развој на економијата и компаниите се исклучително важни, рече денеска во обраќањето премиерот Зоран Заев на јубилејната 20-годишна конференција во организација на АД Македонска берза во Охрид.

Тој додаде дека државата е тука да гарантира и обезбеди пазарни, слободни и транспарентни услови и односи во економијата, како и атрактивна бизнис клима со еднакви можности, пазарни услови и правила за компаниите.

„Транспарентноста на компаниите на берзата ги прави поатрактивни за домашните и странските инвеститори и влијае позитивно на нивното корпоративно управување што воедно има позитивни ефекти во квалитетот на расположливите финансиски инструменти на пазарот на капитал. Идниот развој на берзата и на пазарот на капитал мора да бидат наша заедничка цел како важен сегмент кој придонесува за развој на економијата во целина, за јакнење на приватниот сектор и отворање на нови работни места. За таа цел дозволете ми да ги споделам со вас информациите дека Министерство за финансии неодамна отпочна со официјална котацијата на континуираните државни обврзници. Тоа е позитивен чекор чии импликации на среден и долг рок ќе ги почувствуваат сите заинтересирани страни – државата, инвеститорите и пазарот во целина“, рече Заев.

Прометот на Македонската берза лани пораснал за 120 отсто во однос на 2017.