Цената на становите во иднина ќе се движи во нагорна линија и тоа зависи исклучиво од квалитетот на градбата, локацијата, инфраструктурата и поволниот деловен амбиент информираат од Градежната комора и додаваат дека трендот на пораст на трошоците за градежни материјали, но и за вработените во градежните компании се случува во континуитет.

Од таму појаснуваат дека последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) само ја потврдуваат состојбата и покажуваат дека трошоците во градежништвото за нови објекти за индивидуално домување во четвриот квартал од минатата година во однос на тој квартал од претходната година, се повисоки за 5,9 отсто, трошоците за материјали се повисоки за 3,2 отсто и трошоците за вработените се повисоки за 13 отсто.

„Поскапувањето е регистрирано во трите сегменти и точно е дека има поскапувања во сите сегменти за изградба на квалитетни станови, кои се енергетско ефикасни, асеизмички стабилни. Ако го споредиме сегашниот период во однос на лани, може да зборуваме за поскапување на сите градежни материјали меѓу 10 и 15 проценти . Зголемување на трошоците е резултат на порастот на цената на енергенсите за транспорт, прво за  тие материјали што  се увезуваат, како и за материјалите кои што се од  домашно призводство. Ако во изминатите години, исклучувајќи ги последните две во делот на високоградбата имаше континуитет и стабилност, во сегашните услови на правната неизвесност инвеститорите не се во можност да инвестираат. Она што може да очекуваме во следен период е дека нема да може да се понуди квалитетна градба по пониски цени, бидејќи растот на трошоците го диктира и растот  на цената на квалитетните станови“, изјави Ивица Јаќимовски, претседател на Градежна комора.

Тој додаде дека годинава што измина беше една од најлошите години во секторот градежништво, а тоа го докажуваат и статистичките бројки. Долгорочниот развој на секторот градежништво значи раст на сите 26 дополнителни стопански гранки поврзани со секторот, како и на севкупната национална економија.