Владата донесе одлука да го намали данокот на додадена вредност (ДДВ) за гасот од 18 на 5 проценти, соопшти премиерот Зоран Заев кој заедно со заменик претседателот во Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, во придружба на директорот на Национални енергетски ресурси (НЕР) Бајрам Реџепи и градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, извршија увид во напредокот на работите на гасоводот на делницата Неготино – Прилеп – Битола.

„Во таа насока, кога влегуваме во сезона целосно поволна за градежните и инсталациските работи и очекуваме засилена динамика во текот на целата година. Уште повеќе што се веќе се надминати сите спорни имотно-правни и други моменти за изградбата на гасоводната мрежа низ целата земја“, нагласи Заев.

Заклучно со февруари, реализација на магистралниот гасовод Неготино – Битола, преку Прилеп, изнесува 36 проценти.

Во текот на целата оваа година продолжуваат градежните и машинските работи, како и работата на оптиката и катодната заштита на линискиот дел на оваа делница, по што, во септември ќе се отпочне со изградбата на сите фази од блок станиците, со што, практично, ќе се влезе во завршницата и на овој крак.

„Тој степен на завршени работи веќе го прави многу блиску гасот до индустријата и граѓаните и ќе ни овозможи да влеземе во фазата кога ќе ги определиме операторите на секундарната мрежа кои ќе треба да го обезбедат пренос и приклучок по конкурентни цени. Веќе ги анализираме можностите за субвенции или евтини кредити за приспособување на внатрешните инсталации и опрема за пристап и избор до поевтин еколошки енергенс“, рече Заев.

Во однос на магистралниот гасовод Неготино-Штип, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески рече дека очекува веќе следниот месец целиот проект да се заврши.

„Се работи забрзано и на магистралата Скопје-Тетово-Гостивар. Тој дел е изграден околу 30 проценти. Активностите ќе продолжат и оваа година така да очекувам следната година и оваа траса да биде целосно изградена. Многу е важно во овој процес забрзано да работат и општините за да може паралелно да ја градат општинската мрежа и гасот што побрзо да го донесеме до домовите и компаниите“, рече Сугарески.

Директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи потенцираше дека во фаза на реализација е и интерконекцијата на гасоводната мрежа на нашата земја со гасоводот на Грција како алтернатива за стабилно снабдување на гас.

Во буџетот се издвоени 1 милијарда и 557 милиони денари, или 1,1 милијарда денари повеќе во споредба со 2018 година.