Времената мерка донесена од Уставниот суд со која се прекинува мораториумот за градење во општина Центар е проблематична за урбанистите. Иван Арсовски, планер-урбанист, посочува дека со одлуките околу спорните урбанистички планови треба да се занимава Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, а не Уставниот суд.

– Да се измени статутот на инспекторатот или да се измени законот со кој е регулирана неговата работа, со што ќе се овозможи да постане надлежен по ова прашање – вели Иван Арсовски.

Тој нагласува дека Уставниот суд ги третира пристигнатите ДУП – ови по поднесена иницијатива, но само од аспект дали е испочитуван законот во делот на постапката за донесување на урбанистичкиот план. Уставните судови не се занимаваат со суштината, бидејќи немаат стручни лица што би им го објасниле урбанистичкото планирање.

Во однос на донесената одлука за прекинување на мораториумот, Арсовски нагласува дека било само прашање на време кога ќе се донесе ваквата одлука од Уставниот суд. Сепак, на урбанистот планер Иван Арсовски не му е јасно зошто се чекало две години за да се воведе одредба за можноста за суспензија на ДУП – от во сегашниот Закон за просторно и урбанистичко планирање.

– Тоа многу ќе помогнеше во овој случај и ќе немаше потреба од политички одлуки за мораториум или бавење на институциите со форма, а не со содржина, како што е тоа случајот со Уставниот суд во моментов – нагласува Арсовски.

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ вчера нагласи дека општина Центар не се откажува од мораториумот за градење. И покрај тоа што Уставниот суд донесе времена мерка до изгласувањето на конечната одлука за целосното укинување на мораториумот за градење, дури сега градоначалникот Богдановиќ вели дека со својот правен тим ќе ги разгледа сите други опции за одбрана на мораториумот.

– Ние не се откажуваме од мораториумот и ќе ги искористиме сите правни можности за да донесеме нови и подобри урбанистички планови – посочи градоначалникот Богдановиќ.

Во изминативе една година и три месеци, додека траеше на сила мораториумот за градење, Советот на општина Центар успеа да усвои два ревидирани урбанистички планови за локалитетот „Мирче Мацан“ и „Ново Маало 1“, додека преостанатите спорни ДУП – ови се наоѓаат во различни чекори пред нивното финално гласање на општинскиот совет.