Сузбивање на неформалната економија во земјава која изнесува над 30 проценти од севкупната економија е главниот предизвик за обезбедување стабилен деловен амбиент и работа под еднакви и фер услови за сите субјекти во приватниот сектор, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Според неа, со моменталните состојби на удар се особено малите и средни претпријатија кои како двигател на македонската економија сочинуваат 99,7 проценти од сите компании и имаат учество од 70 отсто во домашниот бруто-производ.

„Во анализите на Сојузот на стопански комори на Македонија кој застапува над 20.000 членови од сите сектори, заедничко е континуираното барање за координирана акција со цел справување со еден од најголемите предизвици за стопанството, сивата економија.Особено е критично да се обезбеди механизам за справување со оние кои работат во неформалната зона со милионски профити, производители, трговците на стоки и услуги кои заработуваат големи суми, не плаќајки ниту денар во буџетот.За регистрирани компании ова е погубно, бидејќи тешко се справуваат со притисокот поради тоа што нерегистрираните субјекти имаат поконкурентни производи и услуги, а со кои  им превземаат се поголем дел од потрошувачите“, вели Арсовска.

Според анализите од анкетите на Сојузот на стопански комори на Македонија, вршителите на дејност кои работат без формално регистрирање на својата дејност т.е без фирма, се повеќе од 50 проценти поконкурентни на пазарот од регистрираните фирми, поради тоа што не допринесуваат со обврска за плаќање на ДДВ, придонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци им се многу пониски, бидејќи не плаќаат по индустриска тарифа, со што не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени за производи и услуги на пазарот кои се значително пониски, цени кои регистрирана компанија што ги плаќа сите давачки не може да ги постигне поради тоа што повисоките трошоци мора да ги пресмета во крајната цена на чинење.

Арсовска додава дека потребна е здружена акција и искористување на соодветните механизми, со цел менување на перцепцијата дека неформалната е сигурна зона каде нема контроли и казни. Во спротивно и оние кои работат во согласност со законите и плаќаат даноци, тивко ќе почнат да преоѓаат во сивата зона.