ЗНМ бара судовите да применуваат, а не да толкуваат закони


       
Скопје, 5 јули, 2018 - 16:48 (META) 

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани на средба со претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, побарал судот во најскоро време да ја разгледа иницијативата на Здружението, со која се бара Апелацискиот суд во Скопје да ги процесуира тужбите за клевета против онлајн медиуми согласно практиката на апелациските судови во Битола и Охрид.

Како што објави ПИНА во рамките на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“тужби во Основниот суд Скопје 2 Скопје за случаи за клевета и навреда во кои едната страна е новинар што работи во онлајн-медиум, се отфрлаат со образложение дека „порталот нема пасивна легитимација“ … Но, за други судови, како на пример во Охрид и Битола нема дилема дали порталите се медиуми или не, па тие постапуваат по тужбите.

Притоа, првиот човек на новинарското здружение порачал дека не е работа на судовите да го толкуваат Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, туку треба стриктно да го применуваат.

– Обидот на Апелациониот суд да лиценцира медиуми ја ограничува слободата на говорот и е спротивно на практиката на Европскиот суд за човекови права и слободи – рекол Селмани.

Вангеловски пак рекол дека барањето на ЗНМ е проследено до Граѓанскиот оддел при Врховниот суд, кој следната недела се очекува да се состане.