Жителите на Штука порачуваат: Ако го отворат рудникот Иловица, за нас тука нема живот


       
Струмица, 25 октомври, 2018 - 16:23 (META) 

Пладне е. Пред селскиот дуќан во Штука, под падините на Огражден, насобрани петнаесетина, главно средовечни и постари луѓе. Помладите се на работа, на училиште, ги има и доста на печалба. Ова е уште еден од собирите на кои главна, всушност единствена тема на муабет е рудникот Иловица, кој го носи името на соседното село, иако е целосно во атарот на село Штука, како што објаснуваат.

Населението се занимава со земјоделие, произведуваат тутун, велат, порано биле рекордери во квалитет на тутунот, пиперот, посебно феферонки, домати. Сиромаштија е, додаваат, денес тешко се обработува земјата, ако не собере печурки од планина за да ги продаде, човек нема пари да си ги заврши полските работи.

„Плодовите од планината, тутунот и градинарството, досега не прехрануваа бидејќи беа чисти, квалитетни и затоа барани. Ама со рудникот, кој ќе ги купува нашите производи во иднина?“, прашуваат жителите.

Со рудникот, за нас ќе биде пропаст!

Жителите не знаат точно кога првпат слушнале за рудникот, но знаат дека во нивниот крај од дамнешни времиња копале по злато, не успевајќи да го најдат. Едни велат пред десетина години имало најави по весници и телевизии дека во нивниот крај имало злато и на бакар и дека во иднина ќе се отвори некаков рудник, но ништо прецизно.

„Кога дојдоа од „Еуромакс Рисорсис“, ни кажуваа дека извадената руда по пруга ќе се носи во Бучим на обработка.Тоа не ни се виде толку опасно, а и ние тука немаме познавања од рударството и немавме забелешки. Потоа ни кажаа дека рудата ќе се носи со камиони во Бугарија. И тоа некако го проголтавме. Но, откако ги видовме студиите стана јасно дека рудата е на 600 метри длабочина, рудникот го планираат од кај Иловичка река, брана ќе се прави на Штучката река, а меѓу двете реки, на месноста Кравичево ќе биде фабриката за дробење, перење, чистење на рудата и дека на лице место ќе се прави рудниот концентрат кој понатаму ќе се носи надвор.

Ние имаме сознанија дека, освен бакар и злато, во рудата во одреден процент има и плутониум. Замислете што ќе значи за подземните води кога ќе почне дупчењето, минирањето, потресите, вадењето на рудата во која има и отрови и опасни елементи, и сето тоа ќе се испира тука. Велат, браната нема да дозволи тие води да дојдат до селото. Ние не сме учени ама имаме здрав разум-еднаш кога ќе ја отворат планината и ќе почнат да се таложат отровите, назад нема, ќе биде пропаст!“, раскажува Иљо Малинов, кого го уважуваат во овој крај како борец против отворањето на рудникот.

Селаните велат дека браната полна со отровен талог буквално ќе им биде над главите, на 500 метри од нивните куќи.

„Во светот многу пониски брани со рудна јаловина попуштале и предизвикувале ужасни катастофи, потопувајќи населби, убивајќи луѓе и уништувајќи се пред себе. Во 1934 година имало катастрофален порој во Штука со однесени куќи и жртви, селото уште ја памети таа трагедија. Ние две илјади жители тука, сме први на удар, под нас се селото Сушица со 2.000 жители и целото струмичко поле. Браната е закана за здравјето и за безбедноста, а каде се отровите во почвата и во водите, каде е прашината, бучавата, експлозиите, стотиците камиони кои деноноќно ќе возат низ селото? Нема живот за нас ако се отвори рудникот Иловица!“, во глас извикуваат селаните со кои разговаравме, во обид да објаснат колкава опасност е идната брана и јаловиштето.

Злато и отрови од земјината утроба

Откако дознавме што точно ќе се прави, не можеме да седиме мирни, велат тие, додавајќи дека и во Иловица се со истото мислење.

„Малкумина наседнаа на прикаските на „Еуромакс Рисорсис“ дека нема да се користи цијанид и сулфурна киселина и, бидејќи се надеваат на работа во рудникот, сега наоколу зборат дека треба да се отвори рудникот, ама тие се едно комбе луѓе, си ги знаеме кои се. Еве, ги чекаме тука, нека дојдат и нека кажат тие што имаат да кажат“, велат жителите.

Тие објаснуваат дека недалеку од планираната локација на рудникот се наоѓа месноста Ѓупка каде пред околу стотина години биле правени бушотини.

„И ден денес околу бушотините, нема живот, сета вегетација е уништена. Еден мештанин, тврдејќи дека земјата од бушотините може да биде корисна, ја посипал по својата нива, за да го уништи метилот. И денес на таа нива ни тревка не расте ниту пак стока поминува. Е, до толку е отровна почвата извадена од утробата на земјата!

Пред околу три години, дојдоа да направат бушотини во ридот каде што го спремаат рудникот. Извадената земја од бушотините стоеше расфрлана околу местото каде се работеше… заврна еден силен дожд, калта се разлеа наоколу и навлезе во акумулација од која се снабдува селото со вода за пиење. Кусо по дождот сите риби во акумулацијата беа мртви! Кога ги прашавме од Министерството од што умреа рибите, ни одговорија – немале кислород, мал бил водостојот па затоа се удавиле. Е, па, сега е уште помал водостојот, а на рибите ништо не им фали“, раскажуваат жителите за „Мета“.

Има ли поголем рудник за злато од оваа наша плодна почва?

Како друга опасност која што ја посочуваат е дека од акумулацијата сите жители пијат вода. Најмногу се секираат за децата.

„Или ние можеме и да изумреме, важно рудникот да го отворат!“ довикнува налутено еден од жителите.

„Никој не ни гарантира дека отровите нема да навлезат во подземните води од кои сега пиеме вода, со која ги наводнуваме нашите ниви, ја поиме стоката. Ако се загадат, ќе мора да си одиме сите одовде. Но, каде?“, прашува Атанас Иванов, придружуван на собирот од својот син, основец.

„Имам три сина, имам куќа, убав живот во селото, и нивната иднина ја гледав тука, во Штука. Но, ако се отвори рудникот, за нас тука ќе нема живот. Зарем да си ги трујам моите чеда?“, додава тој.

Аргир Георгиев вели дека произведува зелка и ги прашува тие кои одлучуваат за рудникот, дали има поголем рудник на злато од оваа плодна почва?

„Утре, кога со мојот камион ќе донесам зелка на пазар во Скопје, ќе ме прашаат муштериите од каде ми е стоката. Од кај рудникот Иловица? Не фала, ќе кажат. И како да им се лутам кога знам каков загадувач ќе биде рудникот. Има ли поголема вредност од здрава, чиста и квалитетна храна, по која отсекогаш не познавале нас од струмичките села? Зошто да се уништи нешто што со векови постоело и ќе постои, за нешто што ќе работи една-две децении и потоа ќе се затвори, оставајќи зад себе пустош?“, вели Георгиев.