Жерновски заменик министер за надворешни работи, Чакаровски заминува од здравство


       
Скопје, 23 мај, 2018 - 12:30 (META) 

Предлозите за новите членови во Владата синоќа се пратени во Собранието на РМ, информираше денеска на прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Рената Дескоска е кандидат за министер за правда, Арбер Адеми за министер за образование и наука, Афас Адеми за министер за култура и Бардул Даути кандидат за министер без ресор.

– Владата доцна синоќа по 69. седница го прати во Собранието на РМ предлогот за нови владини членови откако успешно завршија разговорите за зголемување на владината коалиција – рече Бошњаковски.

Дополнително, премиерот Зоран Заев до Собранието за именување заменици-министри ги пратил предлозите: Андреј Жерновски – кандидат за заменик-министер во Министерството за надворешни работи, Асим Муса – во Министерството за здравство, Ѓонул Бајрактар – за Министерството за труд и социјална политика и Садик Бекири – предлог за заменик-министер во Министерството за транспорт и врски.

Во Собранието се пратени и оставките кои треба да бидат констатирани – за Билен Салији, министер за правда, Рената Дескоска, министер за образование и наука и Роберт Алаѓозовски, министер за култура.

Од Владата во Собранието вчера се пратени и оставките на замениците-министри – Арта Точи од МНР, Гоце Чакаровски од Министерството за здравство, Арбер Адеми од МОН, Елмир Азири од Министерството за труд и социјална политика и Ремзи Мехмети, заменик-министер за транспорт и врски.