!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Жерновски очекува поддршка од СДСМ за нов мандат во Центар


       
Скопје, 17 февруари, 2017 - 10:59 (META) 

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски преку „Фејсбук“ реагира написот во денешниот број „Дневник“ во кој се наведува тој ја нема поддршката од СДСМ и оти партијата најверојатно ќе се одлучи на локалните избори во Центар да оди со директорот на „Паркинзи во Општина Центар“, Саша Богдановиќ или со поранешната пратеничка Софија Куновска.

„ВМРО-ДПМНЕ очигледно уште не може да го преболи Центар. Според последните резултати, јасно е дека ги чека убедлив пораз. Со текстови и шпекулации, како денешниот во „Дневник“, се обидува да направи поделби и гледа можност да профитира. Тоа нема да го дозволам, а верувам дека нема да го дозволи ниту СДСМ“, пишува Жерновски.

Тој наведува дека весникот, иако зеле изјава и од него, сепак не ја објавиле во написот.

„’Дневник’ и новинарката Искра Коровешовска ’заборавија’ да ја вметнат мојата изјава, дадена за овој текст, со оправдување дека утре ќе ја објавеле. Бидејќи може да се случи утре да ја остават за задутре, еве денеска јас ќе го објавам мојот одговор по однос на овие шпекулации, па нека ја „преземат“ изјавата од Фејбук’, вели Жерновски.

Тој наведува дека постапките во СДСМ за избор на кандидати за градоначалници и советници се започнати и ќе траат до средината на март.

„Од она што го знам, и што ме прави горд, јас сум предложен од речиси сите месни одбори. Денеска ќе ја предадам мојата програма, согласно партиските процедури. Исто така, според последните истражувања, две третини од центарци се задоволни од мојата и наша работа, а преку 60% би дале поддршка за повторна кандидатура. Тоа, за мене, претставува огромна чест, но и обврска. Ја очекувам поддршката од СДСМ за мојата кандидатура и верувам дека така ќе биде“, пишува Жерновски.