Жените претприемачи во земјава треба да се насочат кон ИКТ и СТЕМ секторот


       
Охрид, 3 октомври, 2018 - 15:56 (META) 

Пазарот е заситен од нано професиите како малите салони за убавина и малите фризерски салони. Марта Пејоска веќе четири години е сопственичка на единствената галерија и атеље за изработка и дизајн на современ накит и филигран во Охрид. Вели дека единствен начин да ја оствари својата визија е преку претприемништвото.

Пејоска е само една од храбрите млади девојки и жени, потенцијални и постојни претприемачи, како и заинтересирани страни од државните институции и граѓанското општество, која преку проектот WE MAKE ќе бидат поттикнати да се насочат кон женското претприемништвото, извозот и иновациите, вклучувајќи го ИКТ и СТЕМ секторот, зелената економија, како и социјалното претприемништво.

-Сакаме да направиме продор на младите девојки, на младите жени, да влезат во една сфера којашто е попрофитабилна и која што е нормално носи еден бенефит како и за нив како прептриемачи исто така и за фамилијата и исто така и за опшптеството – потенцира Валентина Дисоска – претседател на Здружение на бизнис жени.

Податоци за тоа колку од жените претприемачи се дел од ИКТ и СТЕМ секторот, се уште нема, па така иако во едукациските процеси односот е 50-50%, сепак со нив во земјава се уште суверено владее посилниот пол. Пазарот е доволно заситен со професиите кои на еден начин го одбележаа женското претприемништво во ова измината деценија, како козметичари, фризерки итн. Другите професии нудат можности за посериозен бизнис кој пак нуди поголема заработувачка, но и поголема одговорност.

-Токму кон тоа сме насочени да ги поттикнеме младите жени да сфатат дека одговорноста не е нешто од кое што треба да се плашат, тоа е пат кој треба да се изоди, а бенефициите се многу поголеми. Од оние микропертпријатија или нано претпријатија од типот, правиме нокти, шминкаме итн, дури и тие компании можат да пораснат во големи бизнис центри како велнес центри итн – објаснува Дисоска.

WE MAKE проектот ќе биде имплементиран во избрани општини од осумте плански региони: Битола, Струга, Велес, Тетово, Куманово, Штип, Струмица и Скопје. За време на овој проект активно ќе бидат споделени најдобрите практики од Хрватска и ЕУ. Една од специфичните цели на овој проект е формирање на Националната асоцијација за женско претприемништво (ЖП) и Платформите за зајакнување на екосистемот за претприемништво во Македонија и имплементација на Нацрт Националната Стратегија за развој на ЖП 2017-2020.