!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Жбогар: Политичките лидери и партиите да ги спроведат изборите без заплашувања и насилство


       
Скопје, 12 октомври, 2017 - 19:01 (META) 

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Самуел Жбогар, денеска преку видео-обраќање по повод локалните избори в недела ги повика граѓаните да го исполнат своето право на глас, а политичките лидери и партиите да ги спроведат изборите без „заплашувања и насилство“.

Жбогар порака ја испрати на македонски јазик.

– Локалните избори на 15 октовмри се можност за вас граѓаните да ги изразите вашите гледишта за правецот по кој вашите општини треба да се движат во иднина. Ги повикуваме политичките лидери и членовите на партиите да ги спроведат изборите без заплашување и насилство. Потсетуваме на важноста да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности пред, за време и по изборите. Ние сметаме на државните институциите како што е полицијата, независните институциите, како што е Државната изборна комисија, како и граѓанското општество да го исполнат својот дел од одговорноста за одржување на демократски, слободни и фер избори. И, на крајот, секој глас е важен. Ги повикуваме сите граѓани да го исполнат своето демократско право на глас и на тој начин да ја обликуваат иднината на своите општини – рече Жбогар во обраќањето.

Претходно денеска и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија преку соопштение порача дека претстојните локални избори се важни за иднината на Македонија како просперитетна, стабилна демократија, целосно интегрирана во евроатлантските институции и ги повика граѓаните да излезат и да гласаат.