Македонија ја заслужи безусловената препорака, но ја очекува многу работа, рече евроамбасадорот Самуел Жбогар на седницата на собраниската Комисија за европски прашања на која го претстави извештајот.
– Препораката од извештајот е кристално јасна, процесот на евроинтеграција не е техничка работа на штиклирање на задачите. Се работи за прифаќање и споделување на европските основни вредности. Потребно е да се одржат и продлабочат реформите. Одлуката за отпочнување на преговорите бара едногласно решение од сите 28 земји членки – рече Жбогар.
Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, нивната партија е најзаслужна за остварување на условите за позитивното во извештајот, а сегашната власт на СДСМ „тоне во корупција“.
– Денес благодарение на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Македонија го изгради потребниот капацитет и е подготвена да започне преговори за членство со ЕУ. Наместо да продолжат по нашиот пат, денес ние ја имаме обратната слика. СДСМ ветуваше дека РМ ќе ја внесат во ЕУ и НАТО само за шест месеци од доаѓањето на власт. Но сега сме сведоци на растечка корупција наведени и во Извештајот. РМ е најкорумпирана земја во Европа, а тоа е нотирано и од Транспанси интернешнел – рече Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.