!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Жбогар и евроамбасадорите повикаа на избори без заплашување и без насилство


       
Скопје, 13 октомври, 2017 - 11:25 (META) 

Делегацијата на ЕУ и на амбасадите на земјите членки на ЕУ денеска порачаа дека локалните избори на 15 и на 29 октомври се можност за граѓаните да ги изразат своите гледишта за правецот во кој нивните општини треба да се движат во иднина.

„ЕУ ги охрабрува политичките лидери, нивните партии како и релевантните чинители да го искористат изборниот процес за да ја потврдат и да ја покажат својата посветеност на демократските вредности и владеење на правото. Ги повикуваме политичките лидери и партиските членови да овозможат одржување на избори без заплашување и насилство“, стои во заедничката изјава.

Делегацијата на ЕУ и амбасадите потсетуваат на важноста да се направи јасна поделба меѓу државните и партиските активности и ресурси пред, за време на изборите и по нив.

„Ги повикуваме медиумите да им обезбедат на граѓаните разновидно и објективно информирање, кое им е потребно за да донесат информирана одлука на денот на изборите. Ја подвлекуваме важноста од меѓународни набљудувачи на изборите, особено на ОБСЕ/ОДИХР. Секој глас е важен. Ги повикуваме сите граѓани да го исполнат своето демократско право на глас и на тој начин да ја обликуваат иднината на своите општини“, се вели во изјавата.