!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Жбогар: Ако се совпаднат визиите на Владата и на Јункер, ќе има добри резултати за Македонија


       
Скопје, 17 ноември, 2017 - 15:49 (META) 

Доколку реформската визија на Владата и визијата на Европската Унија за Западен Балкан, што во февруари следната година треба да ја претстави претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, се совпаднат, тогаш можеме да се надеваме да видиме добри резултати околу евроинтрегациите на Македонија, изјави денеска евроамбасадорот Самуел Жбогар.

– Тоа што генерално го споделуваме е оптимизам дека работите се одвиваат во правилна насока, дека реформите што ги очекуваме во земјата почнуваат да се спроведуваат и ја охрабруваме Владата да продолжи по овој пат. Во следните месеци од наша страна ќе ја претставиме визијата за регионот во следните години и децении преку стратегискиот документ за Западен Балкан што претседателот на ЕК, Јункер, го најави за февруари. Очекуваме од Владата и од институциите да покажат посветеност и резултати поврзани со реформите. Доколку овие две визии и активности се совпаѓаат, се надеваме дека ќе видиме добри резултати следната година – рече Жбогар, по посетата на СВР Скопје, каде заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, присуствуваше на презентацијата на ТЕТРА-системот за комуникација на полицијата.

Прашан за можноста меѓународната заедница да изврпи притисок врз Грција да дозволи Македонија да влезе во НАТО под привремената референца, Жбогар рече дека секогаш е подобро кога прашањата се решаваат со дијалог.

– Нема решение кога едната страна е задоволна, а другата не е и сите компромиси се засновани на тоа двете страни да го прифатат решението. Ова е единствениот начин да се дојде до долгорочно решение. Гледаме дека тоа е пристапот на Владата, преку чести средби меѓу министрите за надворешни работи, кои ја подобруваат атмосферата и добрососедските односи и веруваме дека ова ќе доведе до добри резултати – изјави Жбогар.