fbpx

ЗЕЛС бара итен датум за локални избори за да не дојде до колапс на општините

-

Функционирањето на голем број општински јавни установи ќе се доведе во прашање, а околу 45.000 вработени во локалната самоуправа, оштинските претпријатија и во образованието ќе останат без плата.

На ова денеска предупредија градоначалниците на Скопје, Куманово и на Гостивар, но и членови на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Коце Трајановски, Зоран Дамјановски и Невзат Бејта, бидејќи нивниот и мандатот на советниците во општините им истекува на 15 мај, а нови локални избори не се закажани.

„Ќе се доведат во прашање функционирањата на општински јавни установи и тоа сите културни, образовни институции на локално ниво, како музеи, театри, домови на култура, на противпожарни служби, спортски објекти, зоолошки градини и слично. Градежни дозволи нема да се издаваат. Градежното земјиште, со кое управува локалната самоуправа, веќе нема да се оттуѓува или да се дава под закуп“, предупреди Трајановски.

Тој вели дека ќе престанат сите почнати и ќе се запрат планираните инвестиции, како во инфраструктурата на општините, така и во сите други објекти што се надлежност на локалната самоуправа.

„Нема да може да се врши исплата на комуналии, како струја, вода и слично, во сите институции на локално ниво, што ќе значи дека истите институции, а, пред сè, градинките и училиштата, ќе треба да се затворат, а децата да се испратат дома. Нема да можат да се склучуваат бракови во државава. Само да потсетам дека при секое склучување брак, официјални сведоци се претставници на општинските совети“, додаде Трајановски.

Поради тоа, ЗЕЛС денеска апелираше парламентот итно и без одложување, а најдоцна до петок оваа недела, да најде решение. Една од можностите е измена на Изборниот законик.

„Наместо првата половина на мај, како што стои во Изборниот законик, треба да се утврди нов датум за одржување на локалните избори. До Уставниот суд е доставена иницијатива од Министерството за локална самоуправа за да се разгледаат одредени членови на Изборниот законик и од Законот за локална самоуправа, а во однос на мандатите на градоначалниците и на претставниците на општинските совети“, истакна Трајановски.

Уставниот суд утре на седница треба да ги разгледува иницијативите за укинување на членови од Законот за локална самоуправа и на Изборниот законок, со што би се овозможило продолжување на мандатот на градоначалниците и на советите на општините.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гореле диви депонии во Желино и Боговиње

Две диви депонии синоќа гореле во Полошкиот регион. Според информациите од Центарот за управување со кризи се случиле два пожари на отворен простор во последното деноноќие, во атарот на...