Зеќири: Наместо да бараат амнестија за Груевски, ВМРО-ДПМНЕ да кажат дали се за ЕУ


       
Скопје, 5 октомври, 2018 - 13:33 (META) 

Наместо да се обидуваат преку нелогични барања да дојдат до амнестија за Никола Груевски, Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба едноставно да кажат дали се за ЕУ и НАТО или не, изјави денеска пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зеќири пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите пратеници, вклучително и оние на ВМРО-ДПМНE се должни да ја следат мнозинската волјата на граѓаните. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои се за НАТО и ЕУ да преземат одговорност во име на граѓаните кои ги избрале и да ги продолжат процесите во Собранието. Затворањето на патот кон ЕУ и НАТО, значи затворање на пристапот до европските фондови, намалена финансиска поддршка, намален обем на инвестиции и работни места. Затоа е важно да продолжи процесот на интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО“, рече Зеќири.

Тој додаде дека „ако Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, продолжат со измислувањето нови нелогични барања, фокусирани единствено на амнестија, тоа ќе биде јасен знак дека сакаат да го блокираат патот на Македонија кон ЕУ и НАТО и да ја вратат земјата во изолација.“

„Тогаш единствен начин се предвремени избори кои мора да бидат организирани веднаш за доброто на државата. Мицкоски нема да може да избега од волјата на граѓаните“, додаде Зеќири.