Завршни зборови во судењето за луксузниот „мерцедес“, рочишта и за „Трезор“ и за „Шпион“


       
Скопје, 17 мај, 2018 - 10:30 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, денеска повторно судиите и обвинителите се со пополнет распоред, бидејќи ќе се одржат три рочишта од најзначајните судски процеси.

Во случајот „Тенк“, во кој, за набавката на блиндираниот „мерцедес“ вреден близу 600.000 евра, им се суди на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, треба да бидат изнесени завршните зборови на одбраната. Во овој случај обвинета е и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа беше издвоена поради „ризична бременост“.

Во Кривичниот суд за денеска се закажани рочишта и за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Шпион“ и „Трезор“.

Во случајот „Шпион“ кој е од 2013 година, осудени се 18 лица за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, измама и недозволено поседување оружје. Апелацискиот суд лани ги ублажи казните на обвинетите и ја преиначи првостепената одлука на Кривичниот суд. Предметот „Шпион“ сега го застапува Специјалното јавно обвинителство, откако го презеде од редовното обвинителство.

На претходното рочиште судот одлучи на Зоран Божиновски да му се суди заедно со обвинетите во случајот „Шпион“, чија постапка беше раздвоена поради тоа што им беше недостапен на органите на прогон, а во април 2016 година беше уапсен во Нови Сад и беше екстрадиран во Македонија.

Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ и поранашениот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, кој веќе со месеци се наоѓа во екстрадициски притвор во Грција.

Тие се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.