fbpx

Заврши штрајкот на вработените во солунското пристаниште

-

Вработените во солунското пристаниште одлучија да го стопираат штрајкот на пристаништето. Федерацијата на вработени во пристаништата во Солун и во Пиреја вчеравечер постигна договор со Министерството за поморство, со коj ќе се гарантираат работните места и колективните права во процесот на приватизацијата на двете пристаништа.

Со постигнатиот договор беше одлучено да се прекине штрајкот, кој претставуваше дополнителен удар за грчките и за странските компании непосредно по двомесечната блокада на железничката линија од Солун кон Скопје.

Вработените се согласија да се прекине штрајкот само неколку часа откако 50 стопански комори од Северна Грција поднесоа тужба до судот во Пиреја со барање штрајкот на солунското пристаниште да се прогласи за нелегален и да се стави крај на блокадата која предизвикува огромни штети за грчките компании.

Директорот на Комората на извозници на Северна Грција, Константинос Луфакис, за „Мета“ вели дека досега блокадата ги чини извозниците повеќе од 40 милиони евра и тоа само за транспортот преку други пристаништа.

– Веќе два месеци владее вонредна состојба на пристаништето. Има илјадници заглавени контејнери. Штетата само од дополнителните трошоци за транспорт и од губењето нарачки е десетици милијарди евра. Пред неколку дена беше нешто помалку од 40 милиони, но сега таа сума е веќе надмината. Поради ова, бизнис-телата во Солун побараа правно да се отвори пристаништето кое е важно за економскиот живот не само на Грција, туку и на соседните земји – вели Луфакис.

Од раководството на солунското пристаниште изразуваат жалење за ситуацијата и велат дека се свесни оти покрај нивните штети огромни проблеми имаат и нивните странски клиенти, меѓу кои и бројните македонски компании.

Димитрос Макрис, извршен директор на пристаништето, за „Мета“ вели дека се обиделе да им помогнат на македонските клиенти и направиле напори поголем број од камионите што чекале за товарење и за царинење да успеат да ги завршат обврските и да заминат и за време на штрајкот.

– Имаме долгогодишни клиенти од Скопје со кои имаме блиски врски и се обидуваме да ги услужиме сите овие години и свесни сме дека и за нив оваа ситуација создаде сериозни проблеми. Имаше проблем со камионите кои беа полни и требаше да се царинат за да продолжат. Од почетокот на штрајкот имаше 112 камиони, но денес по разни напори на раководството во договор со штрајкувачите, успеавме да овозможиме да заминат повеќето од нив – вели Макрис.

Тој забележува дека во Солун се останати само 20 македонски камиони, кои со завршувањето на штрајкот бргу ќе го продолжат патот. Покрај ова, има и 1.200 контејнери кои чекаат за товарање и за царинење.

Сепак, она што значително предизвикало штета на пристаништето била одлуката на голем број компании воопшто да не ги користат услугите на Солун и да се упатат кон пристаништата во Бугарија или Турција.

Процедурата за приватизација на солунското пристаниште продолжува, а заинтересираните странки треба да поднесат понуди до крајот на септември, во кои мора да има и понуда за инвестиција од 220 милиони евра за модернизација на инфраструктурата и на работата на пристаништето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...