!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заврши гласањето на ИМ 2901 – Беса обвинува дека се вршело притисок врз гласачите


       
Скопје, 12 ноември, 2017 - 19:17 (META) 

Заврши гласањето на избирачкото место 2901 во општина Чаир, каде се прегласуваше вториот круг од локалните избори 2017 одржани на 29 октомври.

Како што соопштија од ДИК, гласањето минало непречено и во мирна атмосфера, а до 17 часот од вкупно запишани 719 избирачи на гласале 251, односно 34,9 отсто.

Првичните резултати од гласањето по електронски пат ДИК ќе ги објави на веб-странцата rezultati.sec.mk по 19 часот откако ќе бидат завршени броењето и сумирањето на гласовите.

Политичките партии по вториот круг од изборите поднесоа 16 тужби до Уставниот суд за изборни неправилности, но судот ја прифати само тужбата на Беса за избирачкото место 2901 во општина Чаир, каде разликата меѓу двата е 209 гласа. Поради тесната разлика беше одлучено во ова место да се прегласува.

Разликата во Чаир меѓу кандидатот на ДУИ, Висар Ганиу и кандидатот на Беса, Зекирија Ибраими во вториот круг беше 209 гласа, а на избирачкото место 2901 разликата е 66 гласа во корист на БЕСА.

Во меѓувреме, движењето Беса денеска обвини дека жителите на Чаир, од избирачкото место 2901 биле спречени да го остварат своето гласачко право и надлежните органи интервенираат.

„Бараме од органите кои го спроведуват законот, особено од Министерството за внатрешни работи, да создадат услови за граѓаните на Чаир кои гласаат на гласачкото место 2901 да излезат и слободно да ја изразат својата волја и политичка убеденост, пошто група насилни милитанти од партијата на власт им врши притисок на граѓаните од оваа област за да не излезат на гласање. Исто така бараме од Министерството за Внатрешни Работи на сите жители кои гласаат на гласачкото место 2901 да им ги вратат документите за лична идентификација за да можат да гласат.

Од партијата наведуваат дека имаат обезбедено информации дека на жителите кои живеат на оваа област им се одземени документите за лична идентификација од партиските активисти на владејачката партија, а за сето ова била информирана и МВР.