!Пристапот кон Мета.мк е слободен, без регистрација, за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести.
Пренесувањето и преземањето на содржините од Мета.мк е бесплатно во промотивниот период, но со задолжително атрибуирање и линкување.

Со силно обезбедување, затвореник бил донесен на распит кај Катица Јанева


       
Скопје, 4 февруари, 2016 - 18:05 (META) 

Лице што во моментов е на издржување затворска казна попладнево било на распит во Специјалното јавно обвинителство, потврди за „Мета“, портпаролката на обвинителството, Ленче Ристовска.

Доцна попладнево, на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, пред зградата каде се сместени канцелариите на Катица Јанева, беа паркирани неколку полициски возила.

– Не станува збор за ништо страшно. Денеска на распит во Специјалното јавно обвинителство беше донесено лице кое во моментов е на издржување затворска казна, кое беше спроведено на стандарден начин со полициска придружба – ни изјави Ристовска.

Осуденикот, чиј идентитет не се открива, беше донесен со посебно полициско возило, придружувано од полициски екипи во неколку џипови, кои чекаа на булеварот пред Специјалното јавно обвинителство.

Според телевизијата „Алсат М“, наводно, на распит во специјалното јавно обвинителство бил донесен поранешниот припадник на специјалните полициски единици, Игор Спасов, кој е осуден за убиството на Мартин Нешковски.