Најмалку 23 вработени во фабрика во Штип вчера попладне се пренесени во болница со знаци на труење. По укажаната лекарска помош, лицата се пуштени на домашно лекување, а еден е задржан за понатамошна опсервација.
Инспектори на Државниот санитарен и здравствен инспекторат веднаш излегле на терен.
– Затворивме две трпезарии каде што се јадело и мензата каде што се подготвувала храната што се носела во канистри. Државниот санитарен и здравствен инспекторат зеде брисеви и мостри од храната и од сите површини во трпезариите и во мензата – изјави директорката на ДСЗИ, Ирина Бухова.
Засега од ДСЗИ не сакаат да ја коментираат причината за труењето и најавуваат дека ќе излезат со поконкретни информации откако ќе завршат сите испитувања.