fbpx

Засега, Хилари Клинтон во трка против тројца мажи

-

Демократите и републиканците во САД ја почнаа внатрепартиската трка за кандидатура за претседателските избори закажани за 2016 година.

Досега четири кандидати официјално се вклучија во партиската трка: поранешната државна секретарка Хилари Клинтон за претседателски кандидат на Декомратската партија, додека во Републиканската партија тројца сенатори се борат за позицијата носител на претседателското изборно ливче – Тед Круз, Ренд Пол и Марко Рубио.

Претседателот Барак Обама сè уште не е подготвен да ја поддржи Хилари Клинтон во внатрепартиската трка за претседателски кандидат.

– Обама и Клинтон се спријателија, но има и други лица кои се пријатели со претседателот, кои би можеле да одлучат да влезат во трката. Во овој момент, претседателот нема понудено никаква поддршка – рече портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, без притоа да прецизира кои се „другите пријатели“ на претседателот кои размислуваат да влезат во трката.

Американскиот весник „Њујорк тајмс“ објави листа на лица кои веќе се во трка за претседателски кандидати, но и за оние кои сè уште размислуваат да ги пробаат своите сили во партијата. Во таборот на демократите, како потенцијални кандидати се наведуваат поранешниот гувернер на Мериленд, Мартин О’Мали, поранешниот сенатор Џим Веб и поранешниот гувернер на Роуд Ајленд, Линколн Чафи. Весникот наведува дека потпретседателот Џо Бајден веројатно нема да се кандидира. Тој, веројатно, ќе почека во текот на летото да се искристализираат работите во партијата, па да одлучи дали да се вклучи во трката.

Американската сенаторка Елизабет Ворен, чие име се споменуваше како можен учесник во внатрепартиската трка, категорично ги отфрли информациите дека ќе се кандидира.

Деветмина републиканци сè уште размислуваат дали да се вклучат во трката за партиска номинација на претседателските избори. Поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш, во декември минатата година на својот фејсбук-профил соопшти дека „активно“ размислува да се кандидира за претседател. Аналитичарите сметаат дека поранешниот гувернер има добра појдовна позиција во партијата, имајќи предвид дека неговиот татко и неговиот брат веќе беа претседатели на САД. Во републиканската трка можно е да се вклучат и гувернерот на Висконсин, Скот Волкер, гувернерот на Њу Џерси, Крис Кристи, поранешниот гувернер на Арканзас, Мајк Хакаби, поранешниот сенатор Рик Санторум, поранешниот гувернер на Тексас, Рик Пери, гувернерот на Лузијана, Боби Џиндл, поранешната извршна директорка на „Еј-Ти енд Ти“, Карли Фиорина, како и пензионираниот неврохирург Бен Карсон.

Претседателскиот кандидат на републиканците на изборите во 2012 година, Мит Ромни, јавно соопшти дека овојпат нема да се вклучи во трката.

– Не би сакал да отежнам некому за да исплива, некому кој би имал подобри шанси да стане нов претседател на САД – рече своевремено Ромни.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.