Западен Балкан бара начин за решавање на тешката материјална положба на Ромите


       
Бар, 31 мај, 2018 - 15:42 (META) 

Од 83 до 94 отсто од загрозените Роми што живеат во регионот на Западен Балкан не можат да си дозволат основни материјални работи за нормален живот, а многу домаќинства се уште немаат пристап до вода од чешма и до јавен канализациски систем, ниту пак нивниот отпад некој го собира и го складира.

Ова се дел од прелиминарните податоци на Регионалното истражување за Ромите на УНДП и на Светска банка, што денеска ги презентираше Орхан Усеин, координатор на акциониот тим на Проектот Интеграција на Ромите 2020, на Регионалниот совет за соработка (РСС), зборувајќи на дводневната меѓународна конференција за Ромите што се одржува во Бар, Црна Гора.

Конференцијата, на која присуствуваат преку 80 претставници на земјите од Западен Балкан и од Турција, има за цел министерствата од овие земји што се задолжени за интеграција на Ромите, да се запознаат со начините за најдобро решавање на проблемот со подобрување на станбеното прашање на Ромите. Како што соопшти РСС, посебен фокус на Конференцијата е ставен врз легализација на дивите ромски населби и на социјалните станови, како и заземање на целосен и одржлив пристап за создавање на трајни услови за живот.

„За да се реши прашањето за станбено згрижување на Ромите на најадекватен начин, сите земји од регионот треба бараат начини за одржливо финансирање на станбени фондови, не само преку нови модели на финасирање, туку и преку користење на празни станбени згради и намалување на долгорочните трошоци на станбеното згрижување“, подвлече Усеин.

Проектот „Интеграција на Ромите 2020 од 2016 година“ е поддржан и од Фондацијата Отворено Општество и од Европската Унија, која прашањето на интеграцијата го наведе како еден од условите за пристапниот процес на земјите кандидати за членство.