fbpx

Законот за завршување на лустрацијата го помина првото читање во Собранието

-

Предлог-законот за завршување на процесот на лустрација, односно за престанување на важењето на Законот за определување услов за ограничување за вршење јавна функција, денеска помина во првото читање во Собранието.

Предлагачи на Законот со кој завршува лустрацијата се пратениците Илија Димовски и Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и Талат Џафери и Рафис Алити од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

– Сите акти што се донесени, а се поврзани со процесот на лустрација ниту се укинуваат, ниту се поништуваат. Но, предлагаме, врз база на наша процена, Собранието да утврди завршување на процесот на лустрација. Сметаме дека лустрацијата траеше сосема доволно време за да ги исполни очекувањата, за да се дознае вистината што, всушност, беше и главната цел, не како казна или укор за оние што кодошеле во минатото, туку како процес со кој требаше да се извадат и се извадија на виделина многу темнини од минатото во Македонија – рече Илија Димовски, во образложението на предлог-законот, според кого „сите нелогичности и критики насочени кон лустрацијата, ги продуцираше левицата“.

На говорот на Димовски, реагираше независната пратеничка Роза Топузова-Каревска, која истакна дека Законот за лустрација не ја исполнил својата цел и дека Комисијата работела селективно.

– За жал, законот не ја исполни основната цел, да се исправи историската неправда, да бидат лустрирани оние кои јасно имаат потпишано согласност со службите. Комисијата работеше селективно и се зафати со одамна починатите, наместо да ги разгледа документите на оние кои во овој момент се на јавни функции – рече Топузова-Каревска.

Пратеникот на ДУИ, Рафис Алити, истакна дека се согласува дека станува збор за задоцнет процес и дека ефектите „ќе беа подобри ако законот се донесеше во деведесеттите години на минатиот век, но тогаш немаше такво расположение“, додавајќи дека Македонија треба да ги побара досиејата од Белград за да се направи вистинска лустрација, а „се дотогаш работите ќе останат отворени“.

Инаку, Комисјата за лустрација во изминатиот период разгледала околу 30.000 случаи, а за околу 300 од нив утврди дека лицата кои биле предмет на работата на Комисијата, соработувале со тајните служби.

Според предлог-законот, Собранието треба да го одземе мандатот на Комисијата од 1 септември и таа да нема право да почнува нови постапки. Комисијата ќе продолжи со работа додека не завршат постапките за кои се донесени решенија, но се во жалбена постапка.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...