Претседателот на Собранието Талат Џафери за денеска напладне го закажа продолжението на 32-та седница на која на дневен ред е Законот за употреба на јазиците за кој опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поднесено над 35.000 амандмани.
Доколку на дневен ред бидат ставен амандманите се очекува присуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои подолго време ги бојкотираат пленарните седници.
На средбата на премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неделата, не беше постигнат договор во однос на законот за употреба на јазиците во Собранието. Мицкоски рече дека ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека законот за употреба на јазиците е неуставен и треба да биде повлечен.
Според Заев, законот треба да се донесе во Собрание, а уставноста да се оспорува пред Уставен суд.
– Ако се има малку разум, законот треба да се донесе во Собранието, па кој смета дека не е уставен да го оспори пред Уставниот суд, а не да се блокира Собранието пред вакви важни моменти за изгласување еден куп реформски закони од кои зависи европската иднина на Македонија – рече Заев.