Законот за АВМУ ќе оди на разгледување во Европската Комисија, па потоа во Влада


       
Скопје, 27 декември, 2017 - 12:04 (META) 

Последната верзија на Предлог-Законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (Предлог-закон за АВМУ), која Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) вчера ја објави, пред да влезе во владина процедура, ќе оди на разгледување во Европската Kомисија (ЕК) пред да се најде на дневен ред на владина седница, соопшти денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

– Се очекува да се запазат предвидените законски рокови, и законот да влезе во Собранието без задоцнување – рече Бошњаковски.

Доколку ЕК даде сугестии за измени, МИОА би требало да ги вметне во текстот на предлог-законот пред да го достави до Владата за усвојување, а оттаму ќе биде поднесен во Собранието.

Предлог-законот е подготвен од МИОА и претставници на медиумската сфера. Како што објаснија од Министерството, во него се вклучени некои од предлозите добиени преку Единствениот национален електронски регистер (ЕНЕР), каде претходната нацрт верзија беше објавена на 4 ноември годинава и заинтересираните во текот на 26 денови даваа свои коментари и предлози. Процесот започна на 14 јули годинава, со првата јавна дебата. Втората беше одржана на 20 ноември.

Според МИОА, целта на предлог-законот е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис, односно Македонската радиотелевизија (МРТ), и регулаторното тело – Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.