Захарова: Заев без никакви докази шири антируска хистерија додека Западот се меша во Македонија


       
Москва, 19 јули, 2018 - 11:02 (META) 

Марија Захарова, портпаролка на руското Министерство за надворешни работи на брифингот со новинарите вчеравечер во Москва порача дека обвинувањата од македонскиот премиер Зоран Заев, кои тој ги искажа во интервју за „БазФид њуз“, а потоа и на почетокот на изградбата на фабриката на американската фабрика „Дура“, обвини дека „грчки бизнисмени” кои „се сочувствителни на руската кауза“ им платиле на Македонци суми во износ од 13.000 до 21.000 долари за „извршување акти на насилство”, се неосновани, антируски и обид на Заев да води внатрешно-политичка борба со други алатки, во време кога Западот отворено се меша во внатрешните работи на Македонија.

– Предизвикуваат вчудовидување изјавите на македонскиот премиер Зоран Заев дека некои бизнисмени што се симпатизери на Русија наводно го финансираат антивладиното протестно движење во Македонија против Преспанската спогодба постигната со Грција за преименување во „Република Северна Македонија“. Станува збор за уште едни неосновани обвинувања на адреса на Москва, коишто се во правецот на засилување на антируската хистерија. Очигледно дека нема да видиме никакви докази што би можеле да ги потврдат зборовите на Зоран Заев, оти да беше така, веќе ќе ни беа презентирани. Во меѓувреме, западните земји отворено се мешаат во внатрешните работи на Македонија и, како што гледаме, тоа од нивна гледна точка, е нормално – рече Захарова.

Според портпаролката на руското МНР, играјќи со „антируска карта“ Заев ги заплашува сопствените граѓани, во време кога Русија се залага единствено за взаемно прифатливо решение на спорот за името на Македонија со Грција, но без наметнати рокови.

– Наместо да ги почитува нормите на македонското законодавство и меѓународното право, владејачката коалиција во Скопје рутински игра со „антируската карта“ како метода за внатрешно политичка борба и, за жал, заплашување на сопствените граѓани. Руската Федерација секогаш беше определена за постигнување на взаемно прифатлива спогодба на Скопје и Атина за име на земјата без надворешни притисоци и наметнати вештачки рокови, спогодба што би ја рефлектирало волјата на народите на двете држави и би се темелела на широк општествен консензус и неоспорна уставна и правна основа. Но до тоа не дојде – порача Марија Захарова.

Според неа, со спогодбата на двете влади се создадени поделби во двете општества и таа не ги зацврстува мирот и безбедноста на Балканот, туку е само пат за втурнување на Македонија во НАТО.

Преспанската спогодба доведе до длабоки расцепи во општествата во Грција и во Република Македонија. Очигледно е дека таа спогодба е далеку од темелните интереси за зацврстување на мирот и безбедноста на Балканот и служи исклучително како алатка за побрзо внесување на Република Македонија во НАТО – порача портпаролката на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.