This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Sun Oct 22 6:24:09 2017 / +0000 GMT

Захариева: Спроведете ги реформите поради граѓаните, не само поради членството во ЕУ




„Стабилноста и просперитетот на Западен Балкан е долгогодишен надворешно-политички приоритет на Бугарија и ќе биде во фокусот на бугарското претседателство со ЕУ. Апелот до нашите пријатели е: Спроведете ги реформите поради вашите граѓани, не само поради идното членство во ЕУ“, истакна министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Вишеградската група и на Западен Балкан, во Будимпешта.

Како што јави бугарската агенција БТА, министрите присутни на годинешниот состанок во Будимпешта, што се одржа во рамките на унгарското претседавање со Вишеградската група, ѝ додоа целосна поддршка на Захариева за побрза интеграција на регионот во Европската Унија за време на бугарското претседателство со Советот на Унијата, во првата половина на следната година.

- Без Западен Балкан во ЕУ нема да биде завршен европскиот проект и Европа нема да биде доволно стабилен и безбеден континент. Нашата цел е на самитот на ЕУ во Софија следната година да имаме јасен план за секоја од балканските земји. Ние сме балканска држава и јас се гордеам со тоа. Ако ја оставаме историјата во минатото, ако гледаме напред во иднината и сме чесни и отворени за проблемите, тогаш многу побргу ќе постигнеме напредок - рече Захариева.

Таа додаде дека покрај политичката поддршка за шесте земји од Западен Балкан (Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово), кои сакаат да станат членки на ЕУ, треба да им се овозможи и техничка и експертска помош во преговарачкиот процес.

Шефот на романската дипломатија, Теодор Малекшану, на состанокот истакна дека Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија е пример за целиот регион.

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, кој е домаќин на форумот во Будимпешта, претходно истакна дека неговата земја се залага Македонија и Албанија да добијат датум за почнување преговори најдоцна во првиот квартал од 2018 година.

На министерскиот состанок во Будимпешта учествуваше и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.
Post date: 2017-10-11 17:49:01
Post date GMT: 2017-10-11 15:49:01
Post modified date: 2017-10-11 18:17:04
Post modified date GMT: 2017-10-11 16:17:04
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com