This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Tue Oct 16 7:59:18 2018 / +0000 GMT

Захариева: Да ги оставиме Атина и Скопје да ги водат преговорите




Се радувам што има напредок во преговорите меѓу Атина и Скопје, изјави денеска министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева во Софија одговарајќи на новинарско прашање во врска со спорот за името, пренесува бугарската новинска агенција „БТА“.

- Тоа е билатерално прашање и да ги оставиме Атина и Скопје да ги водат преговорите со посредство на Обединетите нации (ОН) - изјави Захариева и посака успех во преговорите.

Поранешниот бугарски претседател, Георги Прванов вчера изјави дека преговорите за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција не треба да бидат на сметка на Бугарија и дека за Софија и за нејзината дипломатија не треба да биде сеедно како ќе завршат преговорите, додавајќи дека во еден момент треба да постои и некаква усогласеност и со Бугарија.

Инаку, денеска во Виена се одржува средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас на која присуствува и медијаторот на ОН во преговорите, Метју Нимиц.

Средбата трае повеќе од три часа. Засега нема информации дали по нејзиното завршување шефовите на дипломатиите на двете земји ќе дадат изјави или пак ќе има заедничко соопштение на министерствата за надворешни работи на Македонија и на Грција.
Post date: 2018-02-13 13:50:18
Post date GMT: 2018-02-13 12:50:18
Post modified date: 2018-02-13 13:52:54
Post modified date GMT: 2018-02-13 12:52:54
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com