!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Захариева: Бугарија и Грција се подготвени да ѝ помогнат на Македонија со реформите за ЕУ


       
Софија, 22 октомври, 2017 - 21:54 (META) 

Бугарија и Грција се подготвени да ѝ помогнат на Македонија да ги спроведе реформите неопходни за почнување на преговорите за членство во Европската Унија, изјави вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, во интервју за бугарското радио „Дарик“.

– Потребно е прво да се изгради доверба меѓу политичките раководства. Тие имаат долг пат и многу реформи за да почнат преговори за влез во Европската Унија. Разговаравме со Грција и подготвени сме да испратиме експерти да ѝ помогнат на Владата да ги спроведе неопходните реформи – вели Захариева.

На прашањето дали Македонија може да влезе во ЕУ под ова име, Захариева е децидна дека тоа не е можно и дека треба да се најде решение за името за што, како што вели, двете страни, Македонија и Грција, водат интензивни преговори.

Таа посочува дека кај дел од политичките лидери во земјава сè уште преовладува агресивна антибугарска политика со „исклучително силни антибугарски пораки“, особено во последните месеци, за време на кампањата за локаланите избори. Но, додава Захариева, граѓаните на Македонија со своето гласање јасно покажале дека се против ваквите политики.

Шефицата на бугарската дипломатија вели дека токму ваквите политики се причината поради која Македонија  заостанува во приближувањето кон ЕУ, иако земјата уште во 2005 година добила статус на кандидат за членство.

– Поигрувањето со „ние сме најголемите“ не помага. Македонските граѓани сакаат да се интегрирани. Тоа е една од причините зошто сè уште не ги почнале преговорите. Не постои можност европските држави да се согласат со таквата политика – рече Захариева.

Таа оцени дека новата македонската влада има многу јасен план за реформи и се размислува наскоро да се одржи заедничка седница со бугарската влада.