Пред да ги види телата на четирите убиени момчиња кај Смиљковското Езеро, загрозениот сведок Е1 слушнал и повеќе истрели, рече тој на денешното судско рочиште за случајот „Монструм”. Сепак сведокот потенцираше дека не видел кој пукал, а прашан зошто сега првпат кажува дека слушнал истрели, рече дека не бил прашан.
Адвокатот Насер Рауфи реагираше дека сведокот досега сведочел осум пати, а се до минатото рочиште не кажал дека видел тела или дека слушнал истрели. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи реплицираше дека тоа е така зашто сега првпат му се поставени такви директни прашања.
На 12 април 2012 кај скопското Смиљковско Езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски (на возраст од 18 до 21 година), сите од Радишани, Скопје, и 45-годишниот рибар Борче Стевковски од Црешево.