Загинаа најмалку 25 лица, уништени цели села во ерупција на вулкан во Гватемала


       
Гватемала, 4 јуни, 2018 - 10:25 (META) 

Најмалку 25 лица загинаа, а стотици се повредени во најсилната вулканска ерупција во последните пет децении во Гватемала.

Вулканот Фуего, што се наоѓа на околу 40 километри југозападно од главниот град Гватемала, исфрла камења, црн чад и пепел на небото.

Лавата буквално го прекри селото Ел Родео, при што голем број од жртвите загинале во своите домови. Главниот аеродром во главниот град Гватемала, е затворен, а претседателот Џими Моралес објави тридневна национална жалост.

Меѓу загинатите има деца и припадници на агенцијата за спасување.

Видеа објавени од локалните медиуми покажуваат шокантна слика на тела прекриени со пепел. Жителите сметаат дека бројот на загинатите е многу поголем.

Властите упатија апел до жителите да носат маски за заштита од пепел во четири региони на Гватемала.

Според локалните експерти, оваа ерупција е најголема од 1974 година.