fbpx

Загадувањето тропа на врата, Шилегов ќе го решава со долгорочни мерки и обуки за оџачари

-

Во пресрет на зимската сезона, во која со години загадувањето на воздухот во главниот град ги соборува европските па и светски рекорди, градските власти најавуваат дека ќе се справува со загаденоста преку систем на среднорочни и долгорочни мерки. Како една од клучните мерки се наведува основањето на АД Градски енергетски системи односно преземањето на топловодната мрежа за парно греењето од страна на градот, како и со отпочнувањето на процесот на гасификацијата во Скопје, субвенционирањето на набавка на печки на еко пелети, како и субвенционирањето на чистење на оџаците во домаќинствата и на обуки за идни оџачари.

– Како што најавив, обезбедивме средства за 40 еко автобуси на гас кои очекувам во Скопје да ги имаме веќе следната година. Продолжуваме да работиме на ефикасноста на функционирањето на јавниот превоз што ќе подразбира негово помасовно користење од страна на граѓаните за сметка на користењето на автомобилите – изјави за „Мета“ градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Во мерките за намалување на загадувањето Градот ги смета 5-те километри нови велосипедски патеки, субвенционирање на купување на велосипеди, а од вчера и на електрични тротинети. Од канцеларијата на градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов информираат за подигање на нови и реконструкција на постојни зелени површини од околу 50.000 квадратни метри, а до крајот на годинава треба да бидат засадени вкупно 10 илјади дрва.

Градот признава дека иницијативата за налепници за возилата согласно степенот на загадување, кое беше и едно од барањата и на екологистите минатата сезона, не е реализирана поради тоа што заглавила во другите надлежни државни институции. Од Градот тврдат дека тие својот дел од обврските го завршиле, но дека е неизвесно кога овој систем воопшто ќе профункционира.

Од градската администрација информираат и за кол-центарот на кој преку бесплатната телефонска линија 193 граѓаните можат деноноќно да пријавуваат огнови кои што горат на отворено за потоа на терен да бидат испратени комбинирани тимови од инспекциските служби, полицијата и бригадата за противпожарна заштита, а од март до сега, колку што постои и функционира бесплатниот телефонски број (070 270 557) за пријавување на диви депонии, граѓаните пријавиле околу 300 такви локации.

Сепак, повеќето од потезите на Град Скопје и на градоначалникот Шилегов не соодветствуваат или само ги ублажуваат проблемите поврзани со загадувањето на воздухот во Скопје за чие што решавање граѓанските здруженија веќе подолго време преговараат со градските и централните власти. Пред локалните избори 2017, сите кандидати за градоначалници на град Скопје, меѓу кои и Шилегов, потпишаа Меморандум со граѓанската иницијатива О2 Коалиција со кој се обврзаа на исполнување на 39 барања поврзани со справување со загадувањето на воздухот.

На апликацијата „Мој воздух“ постои алатка за мониторирање на исполнување на тие ветувања наречена Политички бројач на која стои дека, за 344те дена од мандатот, градоначалникот на Скопје исполнил само едно од 39-те барања, а тоа е да не се прскаат улиците со калциум магнезиум ацетат поради слабиот ефект врз загадувањето, додека 9 барања имаат статус на делумно исполнети или во процес на исполнување.

Во неисполнетите барања спаѓаат воспоставувањето на пешачки дел во центарот на Скопје, заштитни зелени зони околу загадувачите, приоритет на воздухот во урбанистичките планови, строга заштита на парк-шумата Водно, покривање на депонијата кај ОХИС, итна ремедијација на „Годел“, на троската на Железарница, ефикасна еко-инспекција и повеќе други. Како барања кои се во процес на исполнување се наведени вонредните мерки за време на грејната сезона како и вклучувањето на граѓаните во процесот на донесување одлуки.

Утре еколошките здруженија ќе учествуваат на средба на интерресорската група за загадување на амбиенталниот воздух под претседателство на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули на која се очекува да ги повторат своите барања за поефикасно справување со проблемот на загаденоста на воздухот во Скопје.

disklejmer1-01

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади ќе креираат стрипови за меѓуетнички дијалог и борба против дискриминација

Стрип центарот на Македонија од Велес започна со имплементација на проектот „Да и дадеме шанса на инклузијата“ од вториот отворен повик на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на...