!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев за бугарската „Блумберг ТВ“: Бугарија е еден од најважните соседи на Македонија


       
Скопје, 4 мај, 2017 - 23:44 (META) 

„Имаше многу националистичка реторика во Македонија. Верувам дека тоа е веќе минато. Со подемот на лево-ориентираните политичари и со формирањето на новата влада, можен е напредок во односите на Македонија со сите соседи. Еден од најважните наши соседи е Република Бугарија“. Ова го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во интервју за бугарската „Блумберг ТВ“.

Заев вели дека постои огромна перспектива за унапредување на односите помеѓу Бугарија и Македонија.

– Ние сме братски народи. Мораме да работиме во интерес на нашите граѓани, нашите бизниси, и од македонска и од бугарска страна. Имаме контакти со нашата сестринска партија во Бугарија – БСП, исто така сме во контакт и со ГЕРБ и со другите политички сили. Тоа е добра основа на која можеме да градиме одлични односи – вели Заев.

Лидерот на СДСМ во интервјуто зборува и за перспективите на Македонија за излез од политичката криза и во тој контекст вели оти очекува дека до крајот на мај треба да биде избрана новата влада.

– Сега имаме мирни денови по тоа што го видовме во македонскиот парламент. Новиот спикер на Собранието веќе ја презеде функцијата и очекуваме „Службен весник“ и официјално да го објави неговиот избор. Јас сум оптимист и очекувам да го добијам мандатот до средината на мај за да можеме да ја предложиме новата влада во парламентот. Очекувам Собранието да ја избере новата влада до крајот на мај – вели Заев во интервјуто за „Блумберг ТВ – Бугарија“.