Премиерот Зоран Заев најави план за помош на општините во справувањето со долговите кои надминуваат 200 милиони евра, упатувајќи порака до градоначалниците да се воздржат од политизација на администрацијата и да применат креативност во надминувањето на предизвиците.
– Може ќе заминете од функцијата посиромашни, но ќе бидете посреќни – рече Заев на Националниот форум за градоначалници, кој се одржува денеска и вчера во Струга. На форумот организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во партнерство со Министерството за локална самоуправа и со Министерството за финансии, 79 градоначалници имаа можност да дискутираат со премиерот и со министрите за приоритетите и за потребите на општините.
– Локалните заедници се срцето на развојот и демократијата. Општината е местото каде се создава квалитетот за животот на граѓаните – рече постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон.
Самуел Жбогар, шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, истакна дека патот кон решавање на локалните проблеми е тежок, но води кон подобар живот за граѓаните.
Премиерот Заев најави дека Владата ќе работи заедно со градоначалниците за вистинска децентрализација преку пренесување на надлежностите и обезбедување поголемо финансирање за локалниот развој.
– Не постои причина зошто капиталните инвестиции, на пример, во образованието, да не бидат во рацете на општините или планските региони. Вие подобро знаете каде се потребни парите – рече Заев.