!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев: Струмичани ми беа штитот кога се борев со змејот што ја ништеше татковината


       
Струмица, 11 октомври, 2017 - 0:02 (META) 

Во градот под Царевите кули чука срцето на слободата, рече кандидатот за градоначалник на СДСМ за Струмица, Коста Јаневски, на почетокот на вечерашниот митинг во Струмица.

Тој се заблагодари за поддршката и што може да го продолжи тоа што го почнал претходниот градоначалник, а сегашен премиер Зоран Заев и вети дека ќе ја докаже својата посветеност.

– Пркосевме цели 12 години и останавме бастион на СДСМ и симбол на слободата. Заедно со вас граѓаните, градевме од сопствени буџетски средства, заборавени и опструирани од претходната власт, изложени на притисоци, упади и на инспекции, но теророт и хаосот во оваа наша Македонија е минато и никогаш нема да се повтори – рече Јаневски, додавајќи дека сега е време за нови предизвици.

Тој потсети дека Струмица е првиот гасифициран град, со првата катна гаража, убави паркови и улици и дека е најпрогресивната општина во Македонија. Јаневски најави 20 капитални и стотина помали проекти, како што е градење на градинки, дом за стари лица, решавање на инфраструктурните проблеми во градот и околината, растоварување на сообраќајниот метеж со отворање на транзитен пат околу градот, пошумување на градот и субвенционирање на енергетско ефикасни фасади.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на почетокот на говорот рече дека тоа што го постигнал е благодарение на поддршката на неговите сограѓани.

– Никој и ништо ќе бев без вас, да не бевте вие. Невозможен ќе ми беше патот по кој чекорев сиве овие години. Вие, струмичани мои, бевте едрате на бродот со кој пловев низ разбрануваното море на македонската реалност. Вие бевте мојата поткрепа и поддршка кога заеднички ја градевме нашата Струмица. Вие ми бевте штит кога се борев со змејот што ја ништеше татковината – рече Заев, додавајќи дека промените почнале токму од Струмица.

Заев рече централната власт ќе ја поддржи Струмица и дека ќе надомести за сите блокади кои ги правела претходната власт. Тој, по повод утрешниот ден, 11 октомври, упати „абер за ослободување на сите окупирани општини во Македонија“.