!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев со Светска банка: Приоритет на владата се економскиот развој и стабилноста


       
Трст, 13 јули, 2017 - 11:01 (META) 

Врвен приоритет на Владата е да обезбеди стабилност на економијата и развој, порачал македонскиот премиер Зоран Заев на вчерашната средба со Цирил Милер, потпретседател на Светска банка, придружуван од регионалната директорка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, и директорот на Светска банка за Македонија, Марко Мантованели. Во македонскиот тим биле и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

„Претставниците на Светска банка изразија поддршка на новата влада на Македонија. Оценето е дека завршувањето на политичката криза и реформските политики на Владата отвораат нови можости и перспективи за Македонија. Поради ова, Светска банка изрази подготвеност да помогне на Владата во заложбите за нови работни места, добра бизнис-клима, инвестиции. Се разговараше за поддршка на Светска банка преку системот за менаџирање на јавни финансии и компетитивност на економијата“, стои во соопштението од Владата.

– Владата е силно посветена сите граѓани да почувствуваат добробит од економскиот развој. Целта ни е добар животен стандард за сите. Затоа Владата ќе ја зголеми поддршката за домашните претпријатија, а создаваме услови и за реални странски инвестиции – истакнал премиерот Заев.

Тој најавил зголемување на минималната плата од септември и фер даночен систем, како и реформи за да се обезбедат независно судство и продесионални институции.