fbpx

Заев со писмо до АВМУ: Сменете го текстот на методологијата зашто кршите закон

-

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска испратил писмо до Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) во кое бара да се измени нацрт-текстот на методологијата за надзор на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори во Македонија, информираат од партијата.

Како што се вели во соопштението, Заев посочил дека одредбата за утврдување баланс во известувањето, според договорот меѓу четирите партии за измени на Изборниот законик, почнува да важи 100 дена пред денот на одржување на изборите и тоа треба соодветно да се имплементира секаде во методологијата, без да се раздвојуваат периодите од страна на Агенцијата. Секое такво постапување е спротивно на законот, велат од СДСМ.

Во писмото до Агенцијата, Заев напишал дека неприфатлива е примената на францускиот модел за постигнување политички плурализам надвор од изборни периоди и негово прилагодување на практиката и на регулативата во Македонија за изборни периоди.

„Наместо примена на францускиот модел, времето во вестите издвоено за политичките партии од парламентарната опозиција треба да е еднакво со времето издвоено за политичките партии што ја сочинуваат власта во Собранието. Од времето врз основа на кое ќе се извлекуваат оценките за балансот, се иззема времето за прилозите за редовните активности на државните органи, органите на општините и на Градот Скопје, државните институции и организации, правни и други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања, во програмите на радио-дифузерите и на програмскиот сервис за емитување на активностите на Собранието на РМ, коишто не смеат да бидат во функција на изборно медиумско претставување на ниту еден политички субјект“, напишал Заев.

Лидерот на СДСМ, исто така, бара секое прекршување на Изборниот законик да се санкционира, а не како што е предвидено во методологијата, санкција да се изрекува ако за 10 дена се направат минимум десет прекршоци.

„Нема мало или големо прекршување на законот. Не случајно Изборниот законик предвидел опомена за прво прекршување, а кај следните – задолжително барање за поведување прекршочна постапка“, пишува во писмото на СДСМ.

Од опозицијата велат дека е индикативно што овие спорни одредби не биле во методологијата што Агенцијата ја изработила за изборите предвидени во април и во јуни.

Писмото, освен до АВМУ, Заев го испратил и до тројцата други потписници на договорот и до амбасадорите на странските земји во Македонија.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...