!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев со кратовци ја прослави историската победа на изборите и повика на единство


       
Кратово, 18 октомври, 2017 - 14:29 (META) 

„Новиот градоначалник и новиот Совет на Општина Кратово да работат во интерес на граѓаните, да бидат нивен сервис и внимателно да ги слушаат граѓаните, бидејќи нема пoголема вредност од среќни и задоволни граѓани“, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на синоќешното обраќање на граѓанскиот собир во Кратово, по повод победата на локалните избори што се одржаа во неделата.

Заев, пред граѓаните на Кратово, ја повика новата локална власт да работи неселективно и во интерес на сите граѓани, бидејќи, како што рече, само така може да се очекува развој и напредок на градот.

– Оставам аманет кај локалната власт, до претставниците на централната власт, тука во Кратово, но и до вас граѓаните. Ја донесовте слободата, ја заслуживте и радувајте ѝ се, но истовремено ја донесовте слободата и за тие што не гласаа за нас. Имајте разбирање и за тие ваши и наши сограѓани бидејќи и ним не им беше лесно. Наша должност е да отвориме нови страници овде, во Кратово. Го имате мојот и зборот на извршната власт, ќе ве поддржиме, за сите ние да се гордееме со Кратово. Но, не заборавајте, поделени, можеме да се мачиме во решавање на постојано исти проблеми, сплотени и здружени можеме да се радуваме на многу нови предизвици секој ден, секој месец, секоја година – порача Заев.

Новиот градоначалник на Кратово, Љупчо Бојаџиев, кој на гласачкото ливче беше кандидат на СДСМ, на изборите во неделата однесе убедлива победа над кандидидатот на Социјалистичката партија и на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Мите Андоновски.

Инаку, ова е првпат од осамостојувањето на Македонија, победникот на локалните избори во Кратово да не е кандидат на Социјалистичката партија на Љубисав Иванов – Ѕинго, која во досегашните изборни циклуси настапуваше во коалиција со повеќе партии.