!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев – Шчербак: Стремежот кон ЕУ и кон НАТО не е пречка за развој на односите со Русија


       
Скопје, 19 октомври, 2017 - 15:00 (META) 

Евроатлантските стремежи на земјава не се и не треба да бидат пречка за развој на билатералните односи меѓу Македонија и Русија, особено зашто и кај двете држави постои став за одржлив систем на безбедност во светот. Ова е заедничката оценка од денешната средба на премиерот Зоран Заев со амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак.

Рускиот амбасадор, како што стои во владиното соопштение за средбата, ја поздравил енергичната посветеност на премиерот Заев и неговиот придонес за демократските процеси што ја движат Македонија напред и изразил почитување за политиките кои водат кон евроатлантски интеграции на Македонија, но и унапредување на односите со другите држави.

На средбата заеднички било оценето дека „отворените и посветени политики на премиерот Заев и на новата Влада создаваат услови за интензивирање на соработката помеѓу Република Македонија и Руската Федерација во областа на економијата, трговијата и инвестициите, земјоделството, енергетиката, транспортот, научно-техничката соработка и културата, што ќе се унапредува со меѓувладина и меѓупарламентарна соработка“.

„Владата на Република Македонија е посветена на остварување на стратешките цели на државата – ЕУ и НАТО, како и на градење пријателски односи со сите држави, меѓу кои и со Руската Федерација, на принципиелно демократско ниво. Фокусирани сме да обезбедиме добар животен стандард за граѓаните, повеќе работни места, повисоки плати, намалување на трошоците за живот, а затоа што Македонија е земјоделска земја, со тоа и за земјоделски развој на државата и во таа насока е заинтересирана да се продлабочуваат односите со Руската Федерација“, стои во соопштението за средбата меѓу Заев и Шчербак.