Заев се сретна со Ципрас, Макрон зборува за реформи, а потоа приклучување кон ЕУ


       
Софија, 17 мај, 2018 - 11:53 (META) 

Во Софија, пред почетокот на самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан, во Националниот дворец на културата, се сретнаа премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Според тоа што го објавија од македонската влада, а и од објавите на официјалната Фејсбук-страница на Заев, на денешната средба се разговара за спорот за името.

„Македонија и Грција го зајакнуваат пријателството. Со премиерот Ципрас веруваме дека можеме да најдеме решение кое го штити достоинството на граѓаните во двете држави“, напиша Заев, повторувајќи го и слоганот „Посветени на решенија, за иста Европа се бориме“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пристигнувајќи на самитот порача дека Франција го поддржува приближувањето на балканските земји кон ЕУ, но првин мора да се спроведат реформите.

– Го поддржувам балканското движење кон Европа и нивното пристапување како идни членки на ЕУ. Сепак, мислам дека треба да бидеме многу претпазливи и цврсти со процесот на проширување. Ние мора да им помогнеме на земјите што се реформираат и се движат кон Европа, тоа наш стратешки избор – рече Макрон, посочувајќи дека ЕУ не треба да брза да се прошири пред земјите-кандидати да ги спроведат реформите.

Во официјалниот дел од програмата, премиерот Зоран Заев денеска беше пречекан од страна на премиерот на бугарската влада Бојко Борисов, по што учествуваше во сесијата на отворањето на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, со кој претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во име на ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Заев ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“ (Connectivity), а за време на работниот ручек на шефовите на владите и на држави, со највисоките претставници на телата на Европската Унија, е планирано да има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.

Предвидени се средби на Заев со германската канцеларка Ангела Меркел, како и премиерите на Холандија, Марк Руте, на Австрија, Себастијан Курц и на Шведска, Стефан Лофвен.

Лидерите на земјите учеснички на Самитот на ЕУ за Западен Балкан се очекува да ја усвојат Софиската декларацијата за Западен Балкан на ЕУ, како и Софиската агенда на приоритети, која содржи конкретни проекти кои ќе бидат поддржани од ЕУ за да се исполнат зацртаните цели од декларацијата насочени кон зајакнување на владеењето на правото и демократските институции во земјите на Западен Балкан, борбата против организираниот криминал, доброто владеење и почитувањето на правата на малцинските заедници, како и на зајакнување на економските врски меѓу земјите од регионот, и на регионот со ЕУ.