This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Wed Sep 26 10:46:36 2018 / +0000 GMT

Заев: Решение за името е добро и за Македонија, и за Грција и за ЕУ




Македонскиот премиер Зоран Заев денеска во Софија изјави дека очекува спорот за името со Грција наскоро да биде решен и оти тоа би било добро и за Скопје и за Атина и за ЕУ.

Заев смета дека сега се најголеми шансите овој долгогодишен проблем конечно да биде затворен, што и би го отворило патот на Македонија кон ЕУ. Сепак, истакна дека тој проблем трае повеќе од 25 години и ако бил лесен за решавање, некој досега би го решил.

- Убеден сум дека проблемот може да биде решен за доброто на Грција, на Македонија, и на ЕУ. Целта ни е до јуни да добиеме датум за преговори со ЕУ. Тоа не значи дека не можеме да го решиме и во март. Колку побрзо толку подобро - оцени Заев, кој во Софија учествуваше на состанокот на лидерите од Западен Балкан со претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер .

На новинарско прашање за протестите во Скопје против преговорите за името со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, Заев рече дека „Македонија е демократска земја, секој има право да протестира, но оти Владата мора да се грижи за добрите перспективи на сите граѓани“.

Во врска со европерспективата на Македонија и другите земји од регионот, македонскиот премиер рече дека земјите членки на ЕУ не треба да се плашат од Балканот, напротив можат да имаат корист од проширувањето на Унијата.

- Државите од Балканот имаат европски вредности и можат да бидат добар партнер на земјите членки на ЕУ - рече Заев и изрази задоволство од засилениот ангажман на Брисел во регионот и од средствата што ги издвојува за земјите од Западен Балкан.

Post date: 2018-03-01 17:02:10
Post date GMT: 2018-03-01 16:02:10
Post modified date: 2018-03-02 09:34:45
Post modified date GMT: 2018-03-02 08:34:45

Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. MS Word saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com