Заев: Референдумското прашање ќе се знае по поканата за НАТО


       
Прилеп, 3 јули, 2018 - 14:27 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека референдумското прашање сè уште не се знае и додаде дека со партиите и со граѓанскиот сектор ќе се утврди дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но дека во секој случај резултатот ќе биде задолжителен.

– За ова прашање немаме разговарано. Веројатно, чекаме да завршат интеграциите, односно 11 и 12 јули кога се нашите очекувања за поканата во НАТО алијансата. Веднаш потоа државата ќе ја отвори дебатата, ќе го утврдиме веројатно и терминот за одржување на референдумот, референдумското прашање и стилот на самиот референдум – рече Заев одговарајќи на новинарско прашање во Прилеп.

Најверојатно, како што додаде, ќе останат роковите, крајот на септември и почетокот на октомври за референдумот и во тоа ќе помогнат Државната изборна комисија и експертите во Парламентот.

– Заедно со сите политички чинители и со граѓанскиот сектор ќе одлучиме дали референдумот ќе биде консултативен или обврзувачки, но она што треба сите да го знаат е дека резултатот ќе биде задолжителен. Тоа значи, ако референдумот помине ќе треба да ја почитуваме волјата на граѓаните, да гласаме во Парламентот и да работиме, особено на реформите и на процесите кои следуваат – рече Заев.

Премиерот нагласи дека во прашањето ќе бидат Договорот со Грција, како и ЕУ и НАТО.

Според него, најверојатно до крајот на неделата собраниската Комисија за избори и именувања ќе ги именува членовите на ДИК.

– Она што го слушнав вчера, додека беа пратеничките прашања, е дека чекаме на одлука на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ ги утврди своите претставници, како и ДУИ. Веројатно помалата опозициска партија го има тоа направено и како што ме информираа координаторите на пратеничките групи, тоа ќе се заврши – рече Заев.