This page was exported from Meta.mk [ http://meta.mk ]
Export date: Thu Sep 21 1:17:58 2017 / +0000 GMT

Заев - Радев: Македонија и Бугарија делат иста визија за регионот




„Република Македонија и Република Бугарија делат иста визија за регионот, интеграција во европските и во евроатлантските структури и среќен сум што постои свесност и одговорност од двете страни за постигнување напредок“, истакнал премиерот на Македонија, Зоран Заев, на средбата со бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија.

Заев, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата ја нагласил цврстата определба на Македонија, низ реформски процеси и развивање на добрососедските односи, да го осигури патот на земјата кон стратешките цели - членството во Европската Унија и во НАТО.

„Во таа насока очекувам поддршка од нашиот сосед Бугарија за европските перспективи на Македонија, по преземањето на претседателството со ЕУ во јануари 2018“, рекол Заев.

Претседателот на Бугарија на средбата констатирал дека развојот и напредокот на Македонија се важни за балканскиот регион и за Европската Унија и, како и бугарскиот премиер Бојко Борисов претходно, ја потврдил поддршката на Бугарија за членство на земјава во ЕУ и во НАТО.

Заев и Радев се согласиле дека преку „искрена и реална заемна почит и доверба и зрели политики на меѓусебна отвореност се отвора простор за соработка на политичко ниво, но и во други важни области за граѓаните на двете земји, што дополнително ќе ги зближи и ќе ги развива добрососедските односи“.

Македонскиот премиер на средбата соопштил дека земјава има интерес за отворање нови гранични премини со Бугарија, кои треба да ја олеснат комуникацијата меѓу луѓето од двете држави. Посочени биле и можности за инфраструктурно поврзување, во областа на трговската размена и во културата.

Заев по средбата со Радев го посетил Археолошкиот музеј на Бугарија. Претходно тој и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, заеднички се поклонија пред споменикот на цар Самоил во Софија.

Post date: 2017-06-20 18:28:44
Post date GMT: 2017-06-20 16:28:44
Post modified date: 2017-06-20 22:24:22
Post modified date GMT: 2017-06-20 20:24:22
Powered by [ Universal Post Manager ] plugin. HTML saving format developed by gVectors Team www.gVectors.com