!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Предвидени се 50 милиони евра за економски развој во буџетот за 2018 година


       
Скопје, 27 декември, 2017 - 16:54 (META) 

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев денеска во Владата го презентираа петгодишниот План за економски раст. Заев рече дека со овој План, за следната година се предвидува финансиска стабилност и развој на економијата.

– Од буџетот за 2018 година се предвидени 50 милиони евра за програмата за економски развој што е за 46 проценти повеќе од средствата од 2017 година. Една милијарда денари се предвидени за активните мерки за вработување. Проекциите за пораст на домашниот бруто-производ од 3,2 проценти се реални и остварливи – рече Заев.

Тој додаде дека со овој План за економски раст, поддршката од државата за странските и домашните компании е иста, а критериумите и условите за користење на истата се транспарентни. Премиерот најави дека предвидена е поддршка и за поголема соработка помеѓу странските и домашните компании.

За подобрување на стандардот на граѓаните, Заев најави нови подобро платени работни места и оцени дека, зголемувањето на минималната плата е почеток во остварувањето на оваа мерка.

На новинарско прашање во врска со обидот за набавка на скапи возила од страна на некои институции, упати апел тие одговорно да ги трошат парите на граѓаните, и ако треба да набавуваат возила, рационално да издвојуваат средства и да се движат во рамките на нормалните цени.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев апелираше до македонските и странските компании, да ги искористат мерките предвидени во Планот за економски раст, бидејќи како што кажа, планот е петгодишен, и оттука, економските оператори овие мерки може да ги планираат при нивните инвестициски активности.

Предуслов за користење на финансиската помош од државата е компаниите, приходот во завршната сметка да е поголем од просекот во претходните три години, како и тоа, бројот на вработени да не е намален.

– Секоја компанија која ќе има нови вработени и им даде нето-плата повисока од 300 евра, државата ќе и помогне во поврат на средствата во износ од 60 евра. Владата нема да субвенционира ниска плата. Новите вработени треба да бидат преземени од образовниот процес, од Агенцијата за вработување или од компании кои претходно биле во стечај или ликвидација – појасни Анѓушев.

Во Планот за економски раст, странските компании ќе добијат 15 проценти државна помош ако купуваат од македонски компании и тие, како што кажа Анѓушев ќе имаат многу поголем бенефит од досегашните субвенции што ги имале.

– На пример, ако странската компанија купува репро материјали за 100 милиони евра, и од тие 15 милиони евра потрошила на купување од македонски компании, ќе добијат државна помош од еден милион евра. Ова е исклучително важно бидејќи до сега, тој процент на купување на странските од домашните компании е само еден процент – додаде Анѓушев.