fbpx

Заев: Потребен е нов Илинден на кој ќе се обединиме и ќе се бориме за слобода и за живот

-

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска од Крушево го честита големиот државен празник, 2 Август – Илинден, во свое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тој рече дека со години во Македонија е наметната една лажна привидна поделба на партизани и на комити за едната партија да се поврзе со наследството на борците од првиот Илинден, а другата со востаниците од вториот Илинден, оцени лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Не постои таква поделба. Нема поголем доказ од фактот дека партизанските одреди ги носеа имињата на илинденските дејци Гоце Делчев, Даме Груев, Питу Гули, Никола Карев. Не постојат два различни идеала, две различни револуции. И во 1903 година и за време на Народно-ослободителната борба, и во минатото и денес, постоел и постои само еден идеал, слободна Македонија во која достоинствено ќе живеат сите нејзини граѓани. Единствената поделба што е реална денес е на арамии и на ограбени од арамиите. За среќа, арамиите се малку и ќе бидат многу бргу поразени. Републиката која е во пламен и опустошена од оваа мала фамилијарна банда повторно ќе ја изградиме во согласност со илинденските идеали – рече Заев.

Тој порача дека набргу ќе има и правда и правдина, просперитет и иднина и оти идеалите се исти, само оружјето е сменето.

– Некогаш нашите предци битката за слобода ја водеа со пушки, со топови. Денес најмоќното оружје е гласот на граѓанинот. Го слушаме тој глас, кренат и бунтовен низ улиците веќе со месеци. Се крена народот против арамиите, а за подобар живот. Многу бргу тој глас ќе се преточи во гласачки ливчиња и во победа на илинденските идеали за слободна, демократска и за просперитетна Македонија. Оваа наша република нема веќе да е вилает на фамилијата на власт, туку ќе им припаѓа на граѓанинот на Р. Македонија. Ако можеше Македонија многу пати да се крева од пепелта, ќе се крене и денес. Дали сме ги исполниле соништата на борците од сите Илиндени, на нашите знајни и незнајни јунаци, денес се мери според квалитетот на животот – рече Заев.

Тој порача дека е потребен нов Илинден на кој ќе се обединиме одново, без разлика на вера, народност, пол и на убедувања.

– Заедно, браќа, сестри, земјаци и комшии, како што е запишано и во Крушевскиот манифест, ќе се избориме за право, слобода и за социјална правда. Денес, не повикуваме слобода или смрт, туку и слобода и живот, затоа што денес знаеме дека тоа е остварливо – рече Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...