Заев: Полицијата никогаш не смее да биде злоупотребена за политички цели


       
Штип, 6 мај, 2018 - 18:46 (META) 

После сите премрежја и предизвици со кои се соочија службите во Министерството за внатрешни работи, можам слободно да кажам дека успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба – да биде најцврстиот столб кој ја гарантира државноста – рече премиерот Зоран Заев денеска во Штип на свеченото одбележување на Денот на полицијата.

Според Заев, новата зададена цел е полициските и безбедносните служби да ги достигнат западно – европските професионални стандарди.

– Многу е важно Македонија да ги професионализира и деполитизира службите и да изградиме систем кој ќе ги осигура основните функции на полицијата независно од промената на политичките раководства на власт. Полицијата и Министерството за внатрешни работи никогаш повеќе не смеат да бидат злоупотребени во политички цели заради одржување на поединци на власт – рече Заев и додаде дека граѓаните никогаш повеќе нема да се плашат од оние коишто се повикани први да бидат во нивна заштита.