fbpx

Заев побара поддршка од сите за името Република Илинденска Македонија

-

Со целосна одговорност, внимателност и посветеност на државните интереси, ги информирав претседателот на државата, претседателот на Собранието и претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за сите детали од преговорите и известив дека владите на Република Македонија и Република Грција разговараа за опција и решение кое може да биде прифатливо за двете страни, рече во обраќањето по лидерската средба премиерот Зоран Заев.

Тој нагласи дека Република Илинденска Македонија е името за кое е можен компромис со Грција – на англиски “Republic of Ilinden Macedonia”,а на албански “Republika Ilinditase e Maqedonisë”.

Заев ги повика сите политички сили во општеството, сите групи и заедници да се приклучат за да ја искористиме оваа историска шанса за дефинитивен заеднички успех за Македонија.

– Република Илинденска Македонија е име со кое го зајакнуваме темелот на нашата Република, a Илинден значи историски континуитет на нашите стремежи, нашата државност и нашата гордост. Илинден е нашето славно минато, Илинден е и нашата светла иднина – рече Заев.

Според премиерот, со ова можно решение го чуваме достоинството, го потврдуваме и го зајакнуваме нашиот идентитет македонски.

– Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година. Уште еднаш потврдувам, и јас и мојот народ, дека немаме никакви територијални претензии и ги потврдуваме неменливоста на границите и почитувањето на наследството на грчкиот народ и Грција. Македонија е подготвена да го потврди ова на сите потребни начини – рече Заев.

Со евентуален договор, како што нагласи, неповратно го отвораме патот кон членство во ЕУ и НАТО. Во јули добиваме покана за членство во НАТО и нема повеќе пречки за членство во ЕУ.

– Со можниот договор добиваме финална потврда – јазик македонски, language Macedonian. Идентитетот гарантиран. И меѓународните кодови МК и МКД ќе бидат обезбедени – истакна премиерот и додаде дека заради овие историски придобивки, заради ваквата гаранција за развој на Македонија, заради гаранцијата за влез во НАТО и ЕУ, заради гаранцијата за идентитетот македонски – ќе прифатиме севкупна употреба на името Република Илинденска Македонија како и заради зајакнување на меѓуетничката кохезија.

Премиерот рече и дека сроведувањето на употребата на новото име за внатрешна употреба би се реализирало во фази, етапно, онака како што ќе напредуваме низ преговорите за членство во ЕУ, а ќе се обезбеди преку референдум и преку уставни амандмани.

– Јас донесов одлука и стојам стопроцентно позади стремежот да успееме како народ, како држава, како идеја! Верувам во ова решение, подготвен сум да водам и ќе водам напред – рече Заев.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на лидерската средба во Клубот на пратениците во Скопје рече дека предлогот – Република Илинденска Македонија за севкупна употреба за него е неприфатливо и повтори дека тие нема да поддржат промена на Уставот за промена на името.

Шефот на државата Ѓорѓе Иванов побара на писмено да го добие она што досега е разговарано во преговорите со Грција, а потоа ќе се изнесе во однос на предлогот.

– Првпат сме информирани за некои работи. Првпат ги слушнавме, усно се пренесни и очекувам за сите предлози да добиеме писмен документ. На овој состанок не изградивме став, само ги добивме информациите. Очекуваме во иднина да не бидеме селективно информирани, туку целосно да имаме увид за да знаеме за кои прашања се разговара. Досега сум бил принципиелен и останувам доследно да се придржувам на изградените ставови од претходните претседатели на Република Македонија, а тоа е дека процесот мора да се води во рамка утврдена од ОН – рече Иванов.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...