fbpx

Заев од Тетово: Иднина има само заедничка, а не „чиста“ Македонија

-

„’Чиста’ Македонија нема иднина. Иднина има само заедничка Македонија. Тоа е нашето богатство и тоа богатство треба да го искористиме, зашто е наша предност, а не слабост“, порача лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, на вечерашниот митинг во Тетово.

– Мораме да живееме заедно и Тетово е пример за тоа. Ги отворивме сите теми, затоа што ако не ги отвориме, тие ќе бидат злоупотребувани од политичарите. Продолжете да го поддржувате концептот на заедничка Македонија. Да ги заокружиме промените во Македонија и да ги испратиме Груевски и режимот во историјата – рече Заев.

Тој истакна дека СДСМ ќе ѝ ја даде поддршката на актуелната градоначалничка на Тетово и кандидатка за претстојните избори од ДУИ, Теута Арифи, и ја побара поддршката на тетовци за советничката листа на СДСМ.

Заев потсети на мерките што Владата ги реализира изминатите четири месец, истакнувајќи го напредокот и подобрувањето на односите со сите земји соседи на Македонија, кои, како што нагласи, биле нарушени од претходната власт.

– Не можете да бидете скарани со сите пет соседи. За четири месеци ги унапредивме и ги отворивме перспективите со сите соседи. Бугарија е прв сојузник на Македонија која ќе стори сè Maкедoнија да стане дел од НАТО и да ги почне преговорите за членство во Европската Унија, за време на нејзиното претседавање со ЕУ. Со Србија, и покрај сите недоразбирања, отворивме одлична соработка. Градиме пријателство и со Грција. Јас ви ветувам дека ќе најдеме решение за проблемот (со името) и притоа ќе останеме сите горди граѓани на Македонија – рече Заев.

Тој најави повеќе проекти за развој на економијата, инфраструктурата, културата, спортот и на образованието во Тетово, кои, како што истакна, ќе добијат поддршка од централната власт.

– Тетово е една од најголемите општини во Македонија и треба да добие најголема поддршка од централната власт. Ветувам дека Тетово ќе блеска – порача Заев.

Претходно денеска Заев и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, ја посетија гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, од каде најавија доградба на објектот, а ја посетија и Мала Речица, каде е предвидена изградба на ново основно училиште.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...