Претседателот на СДСМ, Зоран Заев денеска ја информираше турската амбасадорка Еркал Кара за текот на процесите за формирање нова влада во Македонија, соопштија од партијата.
– Над 612.000 граѓани од сите етнички заедници гласаа за промени и за развој на Македонија во духот на европските демократски вредности. Очекуваме дека во брзо време ќе го добиеме мандатот и дека ќе ја формираме новата влада на граѓаните на Македонија – рече претседателот Заев.
Нагласено е дека мнозинската поддршка од граѓаните на концептот за заедништво, е голема придобивка за иднината на Македонија.
– Еден од темелите на нашата програма, План за живот, е Македонија едно општество за сите. Ставот на СДСМ е дека само еднакви граѓани на кои ќе им биде овозможен квалитетен начин на живот можат успешно да придонесуваат кон личен развој и кон евроатланските перспективи на Македонија. Горди сме што застанавме зад овој концепт што го поддржаа и граѓаните на изборите, за сите отворени прашања разговараме низ уставните решенија и се надевам дека во многу скоро време Македонија ќе добие одговорна Влада на којашто ќе и бидат приоритет единствено граѓанските интереси – рече Заев на средбата со амбасадорката Кара.